North Macedonia! Девет пријави за семејно насилство за едно деноноќие четири лица уапсени, Тројца нападнале малолетник во Гази Баба, ГОРЕНА СО ЦИГАРИ И ПРИНУДУВАНА ДА ЈАДЕ КУЧЕШКИ ИЗМЕТ: Ученичка од шесто одделние измачувана понижувана и тепана од три девојчиња во Ѓорче Петров, Уапсени крадците што одзедоа велосипед пред теретана во Скопје, ДЕТАЛИ ОД ОЈО ЗА ФЕМИЦИДОТ ВО БИТОЛА: Чекал таткото да излезе па влегол во куќата и ја избодел додека спиела, ОБВИНЕНИЕ ЗА СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ОД СТАРО НАГОРИЧАНЕ: Четири жени убиени две преживеале напад му се заканува доживотен затвор, УАПСЕН ЗА ДРОГА ПА ПРИЗНАЛ УБИСТВО: Македонец осомничен за смртта на 45-годишна Гркинка на Крит, ПОЧИНА ОБВИНЕТ ВО СЛУЧАЈОТ „ПУЛС“: Љупчо Грнчиштанов бил дел од предметот за пожарот во Кочани, Човечко тело во фаза на распаѓање пронајдено во Орман, Обвинителство бара притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица уапсени за проневера на над 180 милиони денари во ФФМ, ПОВТОРНО ПРИВЕДЕНА МИС КРАВАРКА: Спречувала заплена на добиток па завршила во станица, Жестока тепачка на протестот за полагање правосуден испит на албански јазик, Штип: Укината пресудата за Стојанче Зарков за убиството на неговата мајка, ВестиВо штипскиот Основен суд продолжи судењето против Денис Асанов за убиство на 79 годишна Борјанка Николова, Доживотен затвор за штипјанецот што уби и искасапи жена, Уапсена Црногорка за кражба во златарница во Тетово, МВР за 24 часа уапси шест лица за семејно насилство, Скопјанка завршила во болница откако била претепана од нејзиниот 23-годишен син, Една година затвор за насилникот што ја претепа бремената девојка до онесвестување, Женски обезглавен труп е пронајден утринава во близина на Зрновска река, ПО ШЕСТ ДЕНА ШТРАЈК СО ГЛАД ЗАВРШИ ВО БОЛНИЦА – сопругот на исчезнатата Златка хоспитализиран, Заврши распитот на Груби во Обвинителство, вечерва ќе биде изведен пред судија на претходна постапка

2026.6.23 Тројца нападнале малолетник во Гази Баба
На 22.06.2026 околу 23:05 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Гази Баба, малолетник бил физички нападнат од три лица, од кои едното му нанело повреда со остар предмет.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

2026.6.23 Девет пријави за семејно насилство за едно деноноќие, четири лица уапсени
Министерството за внатрешни работи во текот на изминатото деноноќие евидентирало девет пријави за семејно насилство на подрачјата на Скопје, Дебар, Тетово, Штип, Кочани, Кавадарци и Куманово. Во четири случаи сторителите биле лишени од слобода, додека со две лица бил извршен службен разговор.
Во Скопје, 37-годишна жена пријавила дека на подрачјето на Кисела Вода добивала закани од нејзиниот сопруг, со кого се наоѓале во бракоразводна постапка. Во друг случај, полициски службеници извршиле службен разговор со 43-годишен скопјанец, откако бил пријавен дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка. Исто така, 59-годишен маж пријавил дека бил психички малтретиран од својот татко.
Во Дебар, полицијата го лишила од слобода 34-годишниот А.Л., осомничен дека физички ја нападнал својата вонбрачна партнерка.
Во Тетово, од Клиничката болница било пријавено дека 44-годишна жена побарала лекарска помош откако, според пријавата, била физички нападната од нејзиниот вонбрачен партнер.
Во Штип, приведен бил 40-годишен маж поради физички напад врз неговата сопруга, додека во Кочани бил извршен службен разговор со 20-годишно лице, пријавено од неговиот дедо за физички напад и закани.
Во Кавадарци, 52-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека му се заканувал и физички го нападнал својот внук, а во Куманово приведен бил 33-годишен маж поради агресивно однесување и физички напад врз неговите родители.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

2026.6.21 УАПСЕН ЗА ДРОГА, ПА ПРИЗНАЛ УБИСТВО: Македонец осомничен за смртта на 45-годишна Гркинка на Крит
Македонскиот државјанин во петокот беше уапсен за поседување и одгледување дрога, а за време на испрашувањето во полициската станица за случајот со исчезнатата во текот на ноќта, го признал убиството
Македонски државјанин е главниот осомничен и го признал убиство на 45-годишна жена, сопственичка на станот во кој бил потстанар во близина на Ханија на грчкиот остров Крит, а која на 30 мај исчезна, додека пак нејзиното тело утрово беше пронајдено, јави дописничката на МИА од Атина.
За исчезнувањето на жената од селото Агиа кај Ханија, 45-годишната Ставрула Левендаки, на почетокот на месецов беше издаден „missing alert“, а потстанарот во нејзината куќа бил и последниот кој ја видел пред да ѝ се изгуби секаква трага пред три седмици.
Токму затоа уште од самиот почеток се најде во фокусот на полицијата, беше повикан да даде исказ, но негирал секаква поврзаност со исчезнувањето на жената.
Македонскиот државјанин во петокот беше уапсен за поседување и одгледување дрога, а за време на испрашувањето во полициската станица за случајот со исчезнатата во текот на ноќта, го признал убиството и на полицајците им го посочил местото каде што го закопал телото, кое потоа било пронајдено.
Околу причините за убиството, наводно рекол дека со сопственичката се скарале околу состојбата во станот.
Според информациите на дописничката на МИА од Атина, станува збор за 43-годишниот М.Л. со македонски пасош, кој повеќе години живее и работи на Крит и нема криминално досие.
Во станот на исчезнатата живеел неколку години, во првичните искази пред полицијата, веднаш по исчезнувањето рекол дека на 30 мај, сопственичката го посетила за да ги земе парите за киријата, по што си заминала.
Со оглед на тоа што бил и последниот кој ја видел жената, се најде под лупа на полицијата, која спроведе истрага и во станот и во трите возила на македонскиот државјанин, кои иако биле темелно исчистени, сепак биле пронајдени остатоци од крв во станот и едно од возилата.
Станува збор за случај што во изминатата седмица беше една од главните теми во Грција, со оглед на тоа што сторителот, иако беше еден од главните осомничени, не само што при исказите пред полицијата негирал каква било поврзаност, туку и даваше изјави за медиумите пренесувајќи ги неговите ставови и префрлајќи ја вината врз други.

2026.6.19 ПОЧИНА ОБВИНЕТ ВО СЛУЧАЈОТ „ПУЛС“: Љупчо Грнчиштанов бил дел од предметот за пожарот во Кочани
Обвинителството потврди дека ќе биде извршена обдукција
Љупчо Грнчиштанов, долгогодишен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување и еден од обвинетите во главниот предмет за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, починал откако му се слошило во домашни услови.
Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство, од каде што соопштија дека ќе биде наредена обдукција за утврдување на причините за смртта.
„Јавното обвинителство е известено. Обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови. Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција“, информираше обвинителството.
Му се судеше во предметот за пожарот во „Пулс“
Грнчиштанов беше меѓу 35-те обвинети во главниот судски процес за пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март минатата година.
Во трагедијата загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
Според обвинението, на Грнчиштанов и на останатите обвинети им се судеше за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Тој беше обвинет затоа што, според наводите на обвинителството, „не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба“.

2026.6.19 Обвинителство бара притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица уапсени за проневера на над 180 милиони денари во ФФМ
Јавното обвинителство бара притвор за осум и мерки за претпазливост за четири лица уапсени вчера во рамките на истражната постапка против 18 физички и осум правни лица за проневера на над 180 милиони денари во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Сите 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, кои вчера се уапсени, се веќе изведени пред судија на претходна постапка пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде што треба да одлучува по барањата на Обвинителството, а пет се недостапни на органите на прогон. Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, кој е второосомничен, е веќе во притвор за друго дело за кое се сомничи и беше уапсен во април годинава.
Јавниот обвинител Фатон Азизи од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција – ОЈО ГОКК денеска ја оцени вчерашната акција како успешна додавајќи дека петмина од лицата што требало да се приведат не успеале да ги најдат во нивните домови.
Пет од вкупно 18 не се достапни. Според информациите со кои располагаме, сметаме дека некои од нив се во блиското опкружување. Сметаме дека многу бргу би можело да се појават пред органите на прогонот и да кажат своја теорија и став во однос на сето ова што се води како истрага – изјави Азизи.
Јавното обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против 18 физички и осум правни лица, меѓу кои и двајцата поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Илчо Ѓорѓиоски и Муамед Сејдини.
Ѓорѓиоски и Сејдини, како прво- и второосомничени, и третоосомничената Олгица, во својство на службено лице – раководителка на Одделението за финансии и сметководство во ФФМ, се осомничени дека се сторители на кривично дело проневера во службата, а другите осомничени како управители на осомничените правни лица се товарат за помагање на делото проневера во служба, како и по едно кривично дело перење пари и други приноси од кривично дело. Правните лица во истрагата се опфатени за кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело.
Дејствата се од 2015 до 2019 година, со тоа што прво- и второосомничениот како службени лица, претседатели на ФФМ, имаат потпишано вкупно 728 платни налози, што им биле доставени од страна на третоосомничената на потпис за реализација, со тоа што преку незаконски платени парични средства за услуги што никогаш ФФМ не ги добила од правните лица и за стоки што никогаш не влегле во ФФМ нанесена е штета од големи размери во износ од 180 милиони денари или речиси три милиони евра – изјави јавниот обвинител Азизи.
Азизи појасни дека во текот на предистражната постапка обезбедени се докази дека услугите за кои што се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ.
Сите субјекти во поголемиот дел имаат соработка со ФФМ, меѓутоа дел од паричните средства коишто ги имаат добиено на незаконски начин ги имаат вметнато преку Олгица, па истите да бидат реализирани и потпишани од страна на претпоставените, тоа се службените лица во својство на претседатели на ФФМ. Обезбедивме докази во текот на предистражната постапка дека тие услуги за коишто се издадени фактури никогаш не стигнале до ФФМ. Притоа имаме и произнесување од претставникот на ФФМ, како по однос на услугите и стоките, така и по однос на висината на штетата што им е причинета – изјави Азизи.
Како резултат на повеќегодишна предистражна постапка за ФФМ, вчера под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во координација со Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи извршија претреси на домови, деловни простории и лица на повеќе локации во Скопје при што од слобода беа лишени 12 лица, меѓу кои и поранешниот претседател на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, додека пет лица во моментов се недостапни за органите на прогон. Муамед Сејдини беше уапсен во април годинава и му беше определен притвор, поради основано сомневање дека сторило кривично дело проневера во служба со парични средства поврзани со изградба на трибина на Стадион “Билјанини Извори” во Охрид.
Акцијата е резултат на претходно поднесена кривична пријава против три лица вработени во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), управители, сопственици и овластени лица на правни субјекти, како и против самите правни лица, поради сомнение за сторени повеќе кривични дела и проневера на 2,4 милиони евра.
Според доказите од предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии, во периодот од 1 јануари 2015 до 25 јули 2018 година, со намера да прибават противправна имотна корист, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари. Второосомничениот, исто така како претседател на ФФМ, во договор со истата раководителка, во периодот од 25 јули 2018 до 10 октомври 2019 година, присвоил парични средства во износ од 53.351.209 денари.
Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ. Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер – се наведува во соопштението на Финансиската полиција.
Двајцата поранешни претседатели на ФФМ, иако биле должни да вршат контрола и да обезбедат законито и наменско користење на средствата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од раководителката, овозможувајќи исплата без валидна документација. Со ова, спротивно на Статутот и Правилникот на ФФМ, на федерацијата ѝ нанеле вкупна штета од 180.802.365 денари.
Осомничените управители и сопственици на фирми издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ, врз основа на кои биле изготвувани налозите за исплата. Парите стекнати со кривичното дело потоа биле пуштани во оптек во финансискиот промет за да се прикрие нивното незаконско потекло.

2026.6.19 ОБВИНЕНИЕ ЗА СЕРИСКИОТ УБИЕЦ ОД СТАРО НАГОРИЧАНЕ: Четири жени убиени, две преживеале напад, му се заканува доживотен затвор
Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинение против 25-годишен жител на Старо Нагоричане, кој се товари за четири убиства и два обиди за убиство извршени во период од нешто повеќе од една година во кумановскиот регион. За делата за кои е обвинет, според член 123 став 3 од Кривичниот законик, му се заканува казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Станува збор за случај што со месеци ја потресуваше јавноста, откако истрагата поврза повеќе смртни случаи на жени од рурални средини со ист сторител. Според обвинението, првото убиство било извршено ноќта меѓу 5 и 6 јануари 2025 година во селото Клечовце, каде што обвинетиот усмртил повозрасна жена додека спиела во својот дом.
Второто убиство, според Обвинителството, се случило меѓу 5 и 7 јуни 2025 година во селото Драгоманце. На 22 јули истата година, во селото Челопек, обвинетиот се обидел да убие уште една жена, но таа успеала да го исплаши повикувајќи го својот син, по што напаѓачот избегал.
Следното убиство било извршено меѓу 17 и 18 јануари 2026 година во Старо Нагоричане, а потоа уште едно во Челопек, меѓу 5 и 6 февруари 2026 година. Последниот евидентиран напад бил на 9 февруари годинава, повторно во Челопек, кога обвинетиот се обидел да убие жена, но побегнал откако слушнал звук.
Обвинителството наведува дека вештачењата покажале оти делата биле извршувани од „други ниски побуди“, односно со намера обвинетиот да ги задоволува своите полови нагони врз телата на жртвите. Најголем дел од жртвите биле повозрасни жени кои живееле сами и биле особено ранливи.
Случајот привлече големо внимание во јавноста уште од моментот кога Министерството за внатрешни работи го приведе осомничениот. Во текот на истрагата биле извршени дополнителни вештачења и ексхумации на претходно починати жени, откако се појавиле сомнежи дека нивната смрт можеби не била природна.
Токму тие дополнителни истражни дејствија придонеле дел од случаите што првично биле заведени како смрт без сомнителни околности да бидат преквалификувани во убиства.
Јавниот обвинител побарал продолжување на мерката притвор за обвинетиот до завршување на судската постапка.

2026.6.18 Штип: Укината пресудата за Стојанче Зарков за убиството на неговата мајка
Пoради суштествени повреди на Законот за кривична постапка, Апелацискиот суд во Штип ја укинал пресудата за доживотен затвор на Основниот суд за Стојанче Зарков-Грофот кој лани брутално со нож ја уби својата мајка, Марија Заркова, во нејзиниот кревет.
Повисокиот суд оценил дека се направени суштествени пропусти, а клучното било што првостепениот суд утврдил дека Зарков при убиството бил пресметлив.
Апелација овој клучен момент не го прифатила бидејќи кај него во моментот на убиството биле утврдени 2,5 промили алкохол во крвта.
На 9 февруари годинава Основниот суд во Штип го осуди Зарков на доживотен затвор.
Зарков на рочиштата од судењето за убиството тврдеше дека не се сеќава дали ја убил мајка си.
Тврдеше дека највообичаено тој ден ги извршувал секојдневните обврски, купил јадење и лекови за неговата мајка и излегол на кафе. Вечерта дома се вратил со такси. Потоа вели дека бил во другата соба кога неговата мајка почнала да вика, а кога влегол кај неа забележал дека од вратот и тече крв. Повикал брза помош, а дошле и полиција и јавен обвинител.
Но, според доказите Зарков кога се јавил на итната медицинска помош се обратил со зборовите „ја прободев несакајќи мајка ми, или ќе преживее или нема“.
Со вештачењето на ножот и ДНК анализата на отисоците и крвта на ножот, неприкосновено беше докажано дека извршител на убиството е Зарков.
Стојанче Зарков меѓу штипјани е познат како поранешен угостител, препознатлив по кафеаната „Гроф“, која долги години работеше во штипската чаршија.x1200

2026.6.9 Човечко тело во фаза на распаѓање пронајдено во Орман
Вчера околу 18:30 часот во СВР Скопје е пријавено дека во с.Орман, покрај реката Лепенец, бил пронајдено човечко тело во фаза на распаѓање.
Полициски службеници извршија увид, а по насоки на јавен обвинител телото, кај кое е пронајдена картичка од автобус на име Ј.М.(70) од Скопје-женско лице, е предадено во судска медицина за обдукција, соопшти МВР.

2026.5.21 ПОВТОРНО ПРИВЕДЕНА МИС КРАВАРКА: Спречувала заплена на добиток, па завршила во станица
Поранешната мисица Јулија Ѓорѓиевска (28) од Крива Паланка е приведена откако, според полицијата, се обидела да ја попречи акцијата за заплена на добиток спроведена од надлежните служби.
Инцидентот се случил кај местото „Калин камен“, каде екипи на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведувале акција за заловување на крупен добиток.
Според информациите од МВР, 28-годишната Ѓорѓиевска пружила отпор и ги попречувала службените лица додека ја спроведувале постапката, по што интервенирала и полицијата.
Таа била приведена и спроведена во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесена пријава.
Ова не е првпат нејзиното име да се поврзува со слични инциденти, каде што таа и нејзини поблиски членови на семејството беа приведувани поради добитокот кој слободно шета во Крива Паланка и околината.
2026.5.18 (ВИДЕО) Жестока тепачка на протестот за полагање правосуден испит на албански јазик
(ВИДЕО) Жестока тепачка на протестот за полагање правосуден испит на албански јазик
На денешниот протестен собир, на кој студенти Албанци бараа право да полагаат правосуден испит на албански јазик, се случи тежок инцидент во строгиот центар на Скопје, кога групa млади луѓе, кои според информациите биле меѓу учесниците на протест, влегоа во жестока физичка пресметка.
Според она што се гледа од снимката што ја објавија повеќе медиуми, а првично порталот Ора24.мк. се чини дека едно момче е нападнато од група од пет-шест напаѓачи. Видеото содржи сцени на насилство и може да биде вознемирувачка за дел од публиката.
Повеќе информации за инцидентот се очекуваа од полциијата.
2026.5.14 ДЕТАЛИ ОД ОЈО ЗА ФЕМИЦИДОТ ВО БИТОЛА: Чекал таткото да излезе, па влегол во куќата и ја избодел додека спиела
Жената била нападната додека спиела, Обвинителството бара притвор
Основното јавно обвинителство Битола отвори истражна постапка против 33-годишен маж, осомничен за убиство при вршење семејно насилство.
Според информациите од Обвинителството, осомничениот утрово ја лишил од живот својата поранешна вонбрачна партнерка, со која имал четири малолетни деца.
„Откако се осигурал дека нејзиниот татко не е во домот во кој живеела жената, осомничениот влегол во куќата додека спиела, се доближил до жртвата и и нанел десетина убоди со нож во телото, од кои таа веднаш починала“, соопшти Обвинителството.
Обвинителството побара мерка притвор
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Како што посочуваат од Обвинителството, постои опасност осомничениот да се даде во бегство.
2026.5.14 Уапсени крадците што одзедоа велосипед пред теретана во Скопје
Уапсени крадците што одзедоа велосипед пред теретана во Скопје
Министерството за внатрешни работи утрово информираше дека лишени од слобода биле крадците што украдоа велосипед пред теретана во Скопје.
Од МВР посочија дека одземеното е вратено на сопственикот, а двајцата 22-годишници од Сарај ќе добијат кривична пријава.
„На 13.05.2026 полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Е.Х. (22) и М.И. (22) од с.Сарај, скопско, постапувајќи по пријава од А.С. на 12.05.2026 дека пред теретана во Скопје му бил одземен велосипед. Веднаш по добиената пријава, преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициските службеници, сторителите се идентификувани и приведени во полициска станица, а велосипедот е вратен на сопственикот. По документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна кривична пријава“, соопштија од МВР.

2026.4.28 ГОРЕНА СО ЦИГАРИ И ПРИНУДУВАНА ДА ЈАДЕ КУЧЕШКИ ИЗМЕТ: Ученичка од шесто одделние измачувана, понижувана и тепана од три девојчиња во Ѓорче Петров
Ученичка од шесто одделение била брутално нападната од три повозрасни девојчиња во скопската населба „Ѓорче Петров“. Според информациите, девојчето било насилно однесено во парк, каде било физички нападнато, горено со цигари, понижувано и принудено да јаде кучешки измет. Дел од настанот бил снимен со мобилен телефон, а како последица на тортурата, жртвата добива стручна помош.
Причината за нападот, според првичните информации, била расправија на социјалната мрежа „Инстаграм“.
Случајот е во фаза на истрага, која се води во координација на Министерството за внатрешни работи со Обвинителството. Досега се повикани на разговор 14 лица, меѓу кои има и родители на ученичките вклучени во случајот.
–Четиринаесет лица се повикани на разговор, а за некои од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија. Во овој случај е вклучено и Јавното обвинителство и се постапува според насоките на надлежниот обвинител-рече Тошковски.
Потребен е системски пристап и решенија, вели министерот за внатрешни работи, кој ги повика надлежните институции да се вклучат во спречување на ваков вид криминал.
–Не само Министерството за внатрешни работи, кое делува и превентивно и репресивно, туку треба да се вклучат сите надлежни институции во овој проблем. Потребен е мултиинституционален и системски пристап. Подеднакво важна е и улогата на родителите –нивната улога во воспитувањето, нивното однесување и вклученоста во образовниот процес на децата-рече Тошковски.
Министерката за образование, Весна Јаневска, изјави дека жали што се соочуваме со вакви случаи. Таа посочи дека Министерството континуирано подготвува упатства и прирачници за справување со врсничко насилство, но додаде дека без соработка со родителите резултатите ќе бидат ограничени.
Канцеларијата на Народниот правобранител предупредува дека насилството меѓу врсници е пораспространето во основните училишта и дека бројот на пријави расте. Сепак, како што наведуваат, реалната состојба е многу посериозна, особено затоа што дигиталното насилство ретко се пријавува.

2026.4.28 Доживотен затвор за штипјанецот што уби и искасапи жена
Втора казна доживотен затвор во Основниот суд во Штип за релативно краток период. Овој пат доживотен затвор доби 74 годишниот Денис Асанов за свирепото убиство на 79 годишната Борјанка Николова.
Пресудата ја објави судијката Јулијана Недкова, откако Асанов беше огласен за виновен за злосторството што ја потресе штипската јавност минатата година.
Според обвинението, Асанов го извршил грозоморното убиство на монструозен и свиреп начин. Со остар предмет тој и ги отсекол главата и нозете на оштетената, а трупот со рацете го закопал во дворот од неговата куќа, додека главата и нозете ги фрлил на непознато место.
И покрај обемните претраги спроведени од полицијата и штипското комунално претпријатие, вклучително и пребарување на депонијата во Штип, останатите делови од телото не беа пронајдени. Обдукцијата подоцна потврдила дека жртвата имала скршени осум ребра и тешки повреди на градниот кош, најверојатно предизвикани од силен притисок.
Телото на Николова беше пронајдено две недели по нејзината смрт, а полицијата истрагата ја започнала откако 84-годишната сестра на жртвата ја пријавила за исчезната.
Во текот на постапката, Асанов првично призна вина пред истражните органи, но подоцна, пред Судот, ја смени изјавата, тврдејќи дека телото го пронашол во куќата.x1200
2026.3.18 ВестиВо штипскиот Основен суд продолжи судењето против Денис Асанов за убиство на 79 годишна Борјанка Николова
Во штипскиот Основен суд денеска продолжи судскиот процес против 75 годишниот Денис Асанов, кој е обвинет за убиство на 79 годишната Борјанка Николова. Според обвиниението Асанов се товари за кривично дело „убиство“ извршено при родово базирано насилство на брутален начин. Пред Судот денеска сведочеа роднина на убиената Николова и инспектори од СВР-Штип, кои работеле на случајот.
-Во домот на обвинетиот беа пронајдени секира, мотика, тесла, и дрвена рачка, на кои имаше траги од крв. Анализите покажаа дека потекнуват од женско лице. Во купатилото, ходникот и кујната, откриени се траги на човечко ткиво, а според вештачењето, телото било влечено од дневната соба кон купатилото- рече во својот исказ вработен во СВР-Штип.
Според истрагата и наодите Николова последен пат е видена жива на 5 октомври 2025 година, кога излегла од домот на нејзината сестра. На 24 октомври е пријавена за исчезната, а на 10 ноември 2025 година од страна на полициски службеници по наредба на јавен обвинител во домот на обвинетиот Асанов пронајдени се траги од крв, по што обвинетиот признал дека во дворот на куќата го закопал телото.
Полициските службеници со асистенција на пожарникарите го пронашле делот од телото на починатата. Според изјавата на обвинетиот останатите делови од телото и алиштата на починатата Николова ги фрлил во контејнери во близина на неговата куќа. Обвинетиот Асанов на првото рочиште не призна вина.

2026.3.21 ПО ШЕСТ ДЕНА ШТРАЈК СО ГЛАД ЗАВРШИ ВО БОЛНИЦА – сопругот на исчезнатата Златка хоспитализиран
Денес, по шест дена штрајк со глад пред полициската станица во Свети Николе, Дејан Јанков, сопруг на исчезнатата Злата, во исклучително тешка состојба со возило на итната медицинска помош бил пренесен во болница и хоспитализиран.
Ова го објави ВИКИМЕДИА, кои повикувајќи се на изјава на братот на Дејан, посочуваат дека тој на овој чекор се решил откако и по две години нема никакви информации за неговата исчезната сопруга.
Да биде трагедијата уште поголема, овие денови додека Дејан штрајкувал со глад, во надеж дека ќе издејстува побрза реакција од надлежните, единствен кој го придружувал бил неговиот брат.
Уште пред два дена на Дејан не му беше добро, но денес, по шест дена штрајк со глад тој започна да се тресе, падна и додека беше во таква, исклучително лоша сосотојба, јас повикав итна помош.
За целото време, само првиот ден од полициската станица дојде началник да разговара со него, и му предложи да разговара и со началник од штипската полиција. Дејан одби разговор, бидејќи бара конкретни одговори за тоа каде е неговата сопруга и зошто истрагата нема апсолуто никаков напредок речиси две години.
После тоа, никој ниту го погледна, ниту пак дојде да разговара со него. За целото ова време, не дојде ниту лекарска екипа, да го проверат, да видат како му е на овој човек чиј живот веќе е загрозен. Како да не постои! Крајно сме разочарани од системот, од институциите, од луѓето – вели братот на Дејан.
Додава дека семејството е загрижено, и сега, откако децата на Дејан се оставени без мајка, на која не и се знае судбината од 16-ти јуни 2024 година, стравуваат дека можат да останат и без татко.
Игнориран, одминуван и невидлив, како да не постои! Што треба човек да направи повеќе, за да го сврти вниманието на институциите и на јавноста, за на овој случај да му се посвети внимание и да се започне со сериозна работа? Цело едно семејство е уништено, а настанот минува со еден неверојатен игнорантски однос од страна на надлежните институции, па дури и од медиуми, од граѓански здруженија и организации, од сите! Треба ли брат ми да почине, овде на улица?
Бараме итна реакција од Минсистерството за внатрешни работи, бараме сериозен пристап и ажурирање на истрагата за исчезнувањето на Злата, во која очигледно од самиот почеток имаше пропусти, порача Јанков.

2026.3.21 Женски обезглавен труп е пронајден утринава во близина на Зрновска река
Женски обезглавен труп е пронајден утринава во близина на Зрновска река, во нејзиниот долен тек, предел каде што жителите на Зрновци ретко поминуваат.
Од обвинителството потврдуваат дека е пронајдено тело на жена и починатата не е идентификувана.
Доцна попладнево покрај коритотo на Зрновска река и во околните ниви можеа да се забележат полоциски службеници и пожарникари кои се уште го пребаруваат теренот, бидејќи според мештаните недостасуваат делови од почината жена.
„Денеска (21.03.2026) во СВР Штип е пријавено дека околу 10:40 часот во с.Зрновци во место викано Ѓошевски орев во близина на зрновска река е пронајден човечки леш, во фаза на распаѓање. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“ – соопштија од МВР.
Жителите на Зрновци велат дека во нивното село нема пријавено исчечнат човек и за првпат се случува ваков настан
Од обвинителството информираат дека ќе биде наредена обдукција, а причините за смртта се уште не се утврдени.
Инаку жената е пронајдена во фаза на распаѓање и недостасуваат делови од телото.
Сличен ваков случај се случи лани и во Штип, жртва беше 79 годишна жена.
Дел од нејзиното тело беше пронајдено во дворотот на сторителот, а во моментов во тек е судењето против 74 годишниот Денис Асанов обвинет за убиство.

2026.3.21 МВР за 24 часа уапси шест лица за семејно насилство
МВР инфомира дека во последното деноноќие има седум пријави, а шест лица се лишени од слобода за семејно насилство.
На 20.03.2026 во 23:50 часот полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода Н.Д.(44) од Куманово, затоа што физички ја нападнал неговата 32- годишна сопруга. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 20.03.2026 во валандовско село, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Валандово лишија од слобода 29-годишен жител на тоа село, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 26-годишна сопруга. Известен е јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и по документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 20.03.2026 во Струмица, полициски службеници од СВР Струмица го лишија од слобода Р.П.(52) од Струмица, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом физички ја нападнал неговата 46-годишна сопруга. Лицето е задржано во Полициската станица Струмица и за настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица. По документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 21.03.2026 во 00:55 часот полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода М.Б.(33) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава од неговата сопруга дека околу 19:30 часот во семејниот дом во Скопје физички ги нападнал неа и нивното малолетно дете. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
На 21.03.2026 во 02:00 часот полициски службеници го лишија од слобода К.А.(27) од скопско, постапувајќи по претходна пријава од неговиот 68-годишен татко дека околу 18:00 часот, по претходна расправија, со употреба на тврд предмет му го оштетил патничкото возило, а потоа и го искршил ветробранското стакло на возилото. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
На 21.03.2026 во 00:10 часот во СВР Скопје, 61-годишен маж од Скопје пријави дека околу 21:00 часот во семејниот дом во скопско, по претходна расправија, бил физички нападнат од неговиот син Р.С.(26). По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.
На 20.03.2026 во 16:52 часот полициски службеници од ОВР Виница го лишија од слобода Џ.А.(35) од Виница, постапувајќи по претходна пријава дека околу 17:00 часот во дворот на семејниот дом, физички ја нападнал неговата сопруга. При извршен алкотест, било констатирано дека Џ.А. е под дејство на алкохол, односно има 2,02 промили алкохол во крвта. По целосно документирање на случајот, против него ќе следува соодветна пријава.

2026.3.21 Скопјанка завршила во болница откако била претепана од нејзиниот 23-годишен син
23-годишен скопјанец физички ја нападнал својата мајка во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот се случил вчера околу 00:10 часот, кога полициски службеници од СВР Скопје постапиле по пријава и излегле на терен.
Осомничениот М.А. (23) бил лишен од слобода откако, според пријавеното, ја нападнал својата 51-годишна мајка и ѝ нанел тешки телесни повреди.
Повредената жена била пренесена во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што ѝ биле констатирани тешки повреди.
По интервенцијата, напаѓачот бил приведен и задржан во полициска станица, а надлежните институции преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Од МВР информираат дека по документирање на настанот, против лицето ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

2026.3.20 Уапсена Црногорка за кражба во златарница во Тетово
27-годишна девојка од Црна Гора вчера била уапсена во Тетово. Била пријавена за кражба на златен накит.
На 19.03.2026 во 16:00 часот во Тетово на ул.„Страшо Пинџур“ полициски службеници од СВР Тетово ја лишија од слобода Л.И. (27) од Р. Црна Гора, по претходна пријава од А.Х. (31) од Тетово, дека од неговата продавница за златен накит во Тетово, едно женско лице, кое питачело, одзело златни предмети. По целосно документирање на случајот, против неа ќе биде поднесена соодветна пријава.

2026.3.18 Една година затвор за насилникот што ја претепа бремената девојка до онесвестување, па ја будеше со вода за пак да ја тепа
Младиот насилник од светиниколското село Сарамзалино, кој брутално ја претепа својата 34-годишна девојка и ја држеше заклучена во соба 15 часа, е осуден на една година затвор за семејно насилство.
Основниот суд во Свети Николе го прогласи за виновен за две кривични дела – телесна повреда и противправно лишување од слобода. Обвинетиот останува во притвор до правосилноста на пресудата, но не подолго од 60 дена.
„Постапувајќи по обвинителниот предлог поднесен од ОЈО Свети Николе, Основен суд Свети Николе донесе неправосилна пресуда со која Р.А. е прогласен за виновен за едно кривично дело Телесна повреда и за Противправно лишување од слобода и е осуден на единствена затворска казна една година затвор“, соопшти Основниот суд Свети Николе.
Според обвинението, настанот се случил на 19 и на 20 февруари во семејниот дом во Свети Николе, кога 21-годишниот насилник ја нападнал бремената партнерка, ѝ ги одзел телефонот и клучевите од автомобилот и ја заклучил во просторија каде ја држел околу 15 часа. Во текот на нападот ѝ нанел повеќе телесни повреди, а откако таа се онесвестила, ја разбудил со студена вода и продолжил со физичкото малтретирање.

2026.3.18 Нема помала казна за Васил Јованов што ја усмрти Фросина на „Партизанска“
Врховниот суд ја одби жалбата на возачот Васил Јованов кој смртно ја прегази младата Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, со што останува во сила затворската казна од 13 години.Првостепено, Основниот кривичен суд Скопје му изрече казна од 12 години затвор, но подоцна Апелациониот суд ја зголеми казната на 13 години, оценувајќи дека тежината на делото бара построга санкција.
„Врховниот суд ја информира јавноста дека, постапувајќи по кривичниот предмет КВП2-22/26, по одржана седница на советот на 11.03.2026 година, донесе пресуда со која се одбива како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда поднесено од осудениот В.Ј. од С., преку неговиот бранител, против пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К-780/25 од 13.05.2025 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КЖ-696/25 од 27.10.2025 година, со која е огласен виновен за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 в.в. член 297 став 1 од Кривичниот законик и осуден на казна затвор во траење од 13 –тринаесет години“.
Трагедијата се случила на 29 јануари 2025 година, кога обвинетиот Јованов управувал автомобил без возачка дозвола, под дејство на алкохол и со брзина од околу 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“.
На пешачки премин и на црвено светло удрил во 22-годишната Фросина Кулакова, која преминувала на зелено светло за пешаци.
Од силата на ударот, девојката се здобила со тешки повреди и починала на лице место, што предизвика силна реакција во јавноста и протести со барање за правда и поголема безбедност на улиците.
Со одлуката на Врховниот суд, правната битка на обвинетиот да ја намали казната завршува неуспешно, а затворската казна од 13 години останува на сила.
2026.2.23 (Видео) Заврши распитот на Груби во Обвинителство, вечерва ќе биде изведен пред судија на претходна постапка
Заврши распитот на поранешниот вицепремиер Артан Груби во Обвинителство, по што тој вечерва беше спроведен во Кривичен суд, каде што ќе биде изведен пред судија на претходна постапка.
Поранешниот вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците, Груби, осомничен за проневера во „Државна лотарија“, денеска беше уапсен на граничниот премин „Блаце“ и сместен во притворското одделение во Шуто Оризари, по што беше спроведен на распит во Обвинителството.
Заедно со поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, Груби беше осомничен за криминал од осум милиони евра за нарачка на ВЛТ-апарати.
Груби се бараше со меѓународна потерница, а му беше определен 30-дневен притвор во отсуство.
Истрагата за „Државна лотарија“, како што соопшти поранешниот државен јавен обвинител, е завршена и се чекаше екстрадицијата на Груби.

评论

发表回复

您的邮箱地址不会被公开。 必填项已用 * 标注

More posts